Aктуелната епидемиолошка состојба во Република Северна Мaкeдонија, со значително зголемен број на нови случаи од Корона вирусот, го зголеми бројот на контроли и надзори од Државниот пазарен инспекторат.
Државните пазарни инспектори контролите ги вршеа по основ на мерките на Владата донесени врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, а поради превенција од ширење на Ковид 19, каде за влез во угостителски, или било каков објект или трговски центар потребно е граѓаните да достават потврда за вакцинација со најмалку една доза или доказ за прележан Ковид 19 во последните 45 дена.
Исто така, се вршеа проверки за почитување на протоколот по однос на ограничувањата на бројот на гостите, каде согласно протоколот дозволено е работа во затворениот дел на кафетериите со искористеност на капацитетите до најмногу 30%, како и работа на отворените делови (терасите), до најмногу 50% од капацитетот на објектот. Согласно протоколот растојанието на гостите од музичкиот уметник дозволено е да биде најмалку 5 метри.
Државниот пазарен инспекторат од почетокот на мерките донесени на Владата, заклучно со крајот на септември 2021 година има извршено вкупно 13724 контроли и составено 1042 записници за извршени инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија.
Од донесувањето на мерките во месец август (16.08.21) до крајот на септември, државните пазарни инспектори утврдиле неправилности кај 8 објекти, од кои пет во Скопје, еден во Гостивар и два во Тетово, за што се донесени решенија за привремена забрана за вршење на дејност и истите се затворени, а издадени се и прекршочни платни налози за наплата на глоба согласно големината на субјектот, во вкупен износ од 4750 евра во денарска противвредност за одговорно лице, 13000 евра во денарска противвредност за правно лице и 500 евра во денарска противвредност за физички лица.
Изминатиот период освен на угостителски објекти, се вршат контроли и на обложувалници, молови, како и други дејности опфатени со мерките на Владата. Се вршат проверки на организирани прослави, свадби и слично. Издадени се неколку решенија по Закон за заштита на населението од заразни болести, а за спроведување на мерките, одлуките и протоколите донесени од Владата на предлог од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, како превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки и соодветни наменски протоколи за спречување на ширењето на заразната болест Ковид-19 во интерес на јавното здравје.
Инспекторите во принцип сами ја извршуваат контролата, често, доколку сметаат дека има потреба, активностите се во координација и со асистенција на МВР.