Следејќи ги протоколите за постапување во услови на пандемија со корона вирус, во текот на изминатиот месец октомври Државниот пазарен инспекторат продолжи да врши контроли и надзори согласно своите надлежности, врз основа на мерките на Владата на РСМ донесени поради превенција од корона вирусот.
Државниот пазарен инспекторат во месец октомври има извршено вкупно 4043 контроли и составено 305 записници за извршени инспекциски надзори на целата територија на Република Северна Македонија.
При спроведените надзори во месец октомври донесени се 15 решенија по Закон за заштита на населението од заразни болести поради прекршувања на здравствените протоколи.
На 02.10.2021 година утврдени се неправилности и непочитување на мерките на објект во Гостивар, за што е донесено решение за привремена забрана за вршење на дејност и истиот е затворен, а издаден е прекршочен и платен налог за наплата на глоба согласно големината на субјектот.
На 06.10.2021 година во Гостивар се утврдени неправилности и донесено е решение по Закон за заштита на населението од заразни болести во висина од 750 евра платна глоба во денарска противвредност.
Со оглед на тоа што мерките за заштита и спречување на ширење на корона вирусот се сѐ уште на сила, Државниот пазарен инспекторат и во периодот што следува ќе продолжи со интензивните контроли на терен.